Изложба на дела од австрискиот југендстил-уметник Леополд Форстнер вечерва ќе биде отворена во Битола во рамки на Битолското културно лето, БИТ-фест.
Форстнер како офицер на Австро-унгарската монархија за време на Првата светска војна, (1876-1936) на коњ, пешки или со брод, скоро две години престојувал на Западен Балкан.
За време на тој период ја пропатувал територијата на денешна Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија со задача да се направи документација за културата на споменатите окупирани области од Австриско-унгарската армија.
Од неговата авантура на Балканот, тој изработил и оставил повеќе од 100 цртежи со молив во голем формат, дел од нив колорирани и околу 50 фотографии.
Форстнер важи за еден од најпознатите претставници на младата генерација на Виенскиот Југендстил. Тој работел како графичар, дизајнер и сликар. Посебно и единствено место имал како уметник со стакло и како уметник-мозаичар, со што се јавува како партнер на големите уметници Густав Климт, Коло Мозер и Јозеф Хофман.
Најпознатите дела во светски рамки, и воедно, референци на Југендстилот, каде како изведувач, во значајна мерка се јавува Форстнер, се ѕидните мозаици во палатата „Штоклет“, во Брисел (Климт и Форстнер), витражите во црквата Штајнхоф во Виена или мозаиците во бањата „Дијана“. Неговата интернационална кариера, во нејзините зачетоци, беше спречена со започнувањето на Првата светска војна.