Репрезентацијата на Романија го освои трофејот на Светското кадетско првенство за ракометарки што изминатите две недели се одржуваше во Македонија.
Романките вечерва во финалето ја победија Германија со 32:21 (15:7) и без загубен го освоија златниот медал.
Во репризата на мечот од групната фаза, се очекуваше финале полно со неизвесност, но тоа не го дозволија Романките кои уште во првото полувреме ги решија дилемите. Уште на почетокот поведоа 7:2, а потоа и 11:3 во 20 минута, што беше најава дека златото ќе патува во Романија. Германките немаа решение за добрата игра на противникот, а ниту пак можеа во нападот да ја пробијат нивната одбрана.
Второто полувреме Германија го почна поцврсто и тоа им донесе делумен плод. Намалија на 16:10, но тоа беше се што направија. За девет минути стигнаа и до двоцифрена предност (22:12). Во 55.минута Романија водеше и со 29:18, 11 голови разлика која ја зачува до крајот.
Во групната фаза, резултатот беше 27:25 за Романија, а овојпат немаше ниту неизвесност ниту пак Германките пружија сериозен отпор.
Бронзениот медал го освои Данска по победата над Црна Гора со 20:19.
Македонија шампионатот го заврши на 17.место во конкуренција на 24 репрезентации.