Откако се кажа се што можеше да се каже за Хамас: дека е фундаменталистички, дека е недемократичен, дека е суров, не го познава Израел, дека пука на цивили, ја крие муницијата во училишта и болници, дека не го заштитува населението во Газа, и после се што се кажа и тоа со право, треба да застанеме и да го слушнеме Хамас. Можеби дури можеме и да се ставиме во нивна кожа, можеби дури и да ја цениме смелоста и издржливоста на овој наш заколнат непријател во тешки услови.
Но, Израел повеќе сака да ги затне ушите на барањата од другата страна, дури и кога тие барања се праведни и кога се во согласност со долгорочните интереси на самиот Израел. Израел подобро немилосрдно ќе удира на Хамас, без никаква друга цел освен одмазда. Овој пат тоа посебно е очигледно: Израел вели дека не сака да го урне Хамас, дури и Израел сфаќа дека наместо него ќе ја добие Сомалија, но не сака ни да ги сослуша барањата на Хамас. Дали сите тие се животни? Да речеме дека е така. Но тука се и тука ќе останат, дури и Израел мисли дека е така, па зошто тогаш не ги сослуша?
Минатата недела беа објавени 10 наслови во име на Хамас и Исламскиот џихад, за 10 годишнината на примирјето. Можеме да се сомневаме дали тоа навистина се барања на тие организации, но тие би можеле да послужат како добра основа за спогодба. Меѓу нив нема ниту еден неоснован услов.
Хамас и Исламскиот џихад бараат слобода за Газа. Има ли поразбирливо и поправично барање? Нема начин да се спречи денешниот циклус на убивање, а да не добиеме нов круг за неколку месеци, ако тоа не се прифати. Ниту една воена операција, од воздух, од копно или од море, нема да донесе решение, само суштинска промена на ставот кон Газа може да донесе она што сите го сакаат: смирување на состојбата.
Прочитајте го списокот на барања и искрено кажете ми дали тука има барем едно неправедно барање: повлекување на израелската војска и дозволување на земјоделците да ја обработуваат својата земја се до оградата; ослободување на сите затвореници разменети за Гилад Шалит, кои повторно се уапсени, прекин на опсадата и отворање на премините; отворање на пристаништето и аеродромот под заштита на ОН; проширување на зоната на риболовот; меѓународна контрола на преминот кај Рафа; израелска гаранција за 10 годишното примирје и затворање на воздушниот простор на Газа за израелски авиони; дозвола за жителите на Газа да го посетуваат Ерусалим и да се молат во џамијата Ал Акса; израелска гаранција дека нема да се мешаат во внатрешните прашања на палестинската политика како влада на национално единство; отворање на индустриска зона на Газа.
Ова се граѓански барања, средствата за нивно постигнување се воени, насилни и криминални. Но, горчлива вистина е дека кога Газа не испалува ракети на Израел, за тоа на никого не му е грижа. Погледнете ја судбината на палестинските лидери на кои им е доста од насилства. Израел направи се што можеше да го уништи Махмуд Абас. Депримирачка порака? Само силата успева.
Сегашната војна е работа на избор, избор кој го имавме. Поточно, бидејќи Хамас почна да испалува ракети, Израел мораше да одговори. Но, за разлика од тоа што израелската пропаганда се обидува да го протне, ракетите не паднаа од небо туку така. Да се вратиме наназад неколку месеци: Израелскиот прекин на преговорите; војна против Хамас на Западниот брег по убиството на три ученици, за што постои сомневање дека Хамас не ги планирал; вклучувајќи го и лажното апсење на 500 активисти на Хамас; прекин на исплата на плати на работници на Хамас во Газа и израелското противење на владата на националното единство, која можеше да ја воведе во оваа организација во политичката сфера. Секој кој смета дека ова може да биде прифатено без проблеми, веројатно пати од ароганција, нарцисоидност и слепило.
Застрашувачка количина на крв се пролева во Газа, нешто помалку во Израел. Таа крв се пролева залудно. Хамас е поразен од Израел и понижен од Египет. Единствена шанса за вистинско решение е нешто токму спротивно од ова што го прави Израел. Пристаништето во Газа каде можат да ги извезуваат своите одлични јагоди? За Израелците тоа е недозволиво. Повторно се зема (палестинска) крв наместо (палестински) јагоди.
Хаарец – Тел Авив