Мерцедес ја претстави новата генерација на моделот Вито, мултифункционални лесни комерцијални возила со средна големина.
Стилските елементи на новот Вито се преземени од патничката изведба на новата В-Класа, а во понуда ќе се најдат повеќе верзии со разни должини и конфигурација на каросеријата.
Максималната носивост на возилото изнесува 1.369 килограми, а новиот Вито ќе биде достапен во изведби со должина од 4.895 милиметри, 5.140 милиметри и 5.730 милиметри должина. Во понуда ќе се најдат товарна, полутоварна и патничка изведба. Освен модели со погон на задната оска, на располагање е изведба со погон на предна оска и изведба со погон на сите 4 тркала.
Мерцедес Вито со погон на предната оска доаѓа со четирицилиндерски 1,6 литарски дизел мотор со 88 и 114 коњски сили. Моделот со погон на задната оска е достапен со четирицилиндерски дизел мотор со 136 и 163 коњски сили и БлуТЕК мотор со 190 коњски сили. Силата се пренесува преку стандарден шестстепен мануелен менувач, а како опција достапен е и седумстепен автоматски менувач.
Вито се очекува да се најде во продажба на германскиот пазар во октомври со почетна цена од 17.990 евра.