При самубиствен бомбашки напад во неговиот дом загина братучед на актуелниот авганистански претседател Хамид Карзаи.
Според извешатите на локалните медиуми, Хашмат Карзаи се поздравувал со гостите во неговата куќа, кога напаѓачот го активирал експлозивот сокриен во турбанот што го носел на главата.
Нападот бил извршен за време на чествувањето на завршувањето на муслиманскиот свет месец на Рамазан, кога во домот на убиениот доаѓале гости за да му го честитаат празникот.
Хашмат Карзаи беше раководител на претседателската кампања на Ашраф Гани, еден од двајцата кандидати на изборите за наследник на Хамид Карзаи. Изборите се одамна завршени и според официјалните податоци Гани беше прогласен за победник, но резултатите не ги признава неговиот противкандидат.
Засега нема сознанија кој стои зад нападот врз Хашмат, кој важеше за клучна политичка личност во Кандахар, најзначајниот град на југот од Авганистан.
Хашмат Карзаи раководеше со една безбедносна компанија која има договор со Американците.
Неговиот татко беше убиен пред 25 години во атентат што го изврши друг член на оваа големо авганистанско семејство, кое е поделено на разни кланови кои не соработуваат едни со други.
Во 2011 година, во бомбашки напад беше убиен и братот на Хамид Карзаи, но за неговата смрт, вината ја презедоа авганистански талибанци.