Британија ќе дава само три месеци социјална помош за имигрантите од земјите на ЕУ

Од:

Британската Влада ги заострува мерките кон имигрантите од земјите на ЕУ, во обид да го намали бројот на вкупната имиграција и да го спречи т.н. „социјалeн туризам“.

Со новите, поостри мерки што треба наскоро да стапат во сила, правото за користење на социјални бенифиции за невработени имигранти од ЕУ, од сегашните шест месеци ќе се намали на сaмо три месеци, доколку се утврди дека корисникот на паричната помош нема перспектива одново да најде работа.

Премиерот Дејвид Камерон ја брани новата политика објаснувајќи дека „странците треба да знаат оти не може да дојдат во Велика Британија и да добиваат нешто за ништо“.

Уште од порано британскиот премиер тврдеше дека имигрантите од земјите на ЕУ, главно од Истокот на Европа, го злоупотребуваат системот на социјални мерки кои земјата ги има воведено, на тој начин што доаѓаат не толку за да работат, колку за да добиваат „богата“ социјална помош на разни нивоа.

Ваквото однесување, што Камерон и неговите министри го означуваат како „социјален туризам“, беше повод за несогласувањата меѓу Брисел и Лондон и за јавните полемики меѓу новите членки на ЕУ од поранешните комунистички држави и британската Влада.

Официјален Лондон е обвинуван за кршење на основните правила на Европската унија за слободно движење на луѓето и на работниците, што се смета за темел на европското обединување.

Во Брисел се тврди дека податоците со кои се оперира во Лондон не се точни и дека тврдењето за „социјалниот туризам“ е претерано, па некои од еврокомесарите од претходниот состав бараа од Камерон да им ги покаже на Британците вистинските податоци за да се види дека главните корисници на социјалните бенифиции, сепак, се домашните луѓе.

Острата политика кон ЕУ, што ја води владата на премиерот Камерон во која доминираат евроскептичните конзервативци, не е поддржувана од опозицијата и од коалициониот партнер во владата, либералдемократите на заменик премиерот Ник Клег.

Двете партии се согласуваат дека напливот на имигранти во Велика Британија е голем и дека се потребни мерки за нивно ограничување, но се противат на „војувањето“ со Брисел, предупредувајќи дека земјата сè почесто останува осамена во европските работи.

Камерон најави дека Лондон ќе води нови преговори со Брисел околу идниот статус на Велика Британија во ЕУ, по што би се организирал референдум за останување, или за напуштање на Унијата.

Во рамки на едни такви преговори, британската Влада сака враќање на повеќето од овластувањата што веќе ѝ се префрлени на ЕУ и менување на дел од одредбите од некои од европските спогодби.

Аналитичарите во Лондон оценуваат дека со натамошното заострување на политиката кон европските имигранти, премиерот Камерон настојува да го спречи одливот на конзервативните гласачи кон евроскептичната Партија на независноста на Обединетото Кралство (УКИП).

Најавата за новите мерки доаѓа по предупредувањето на ММФ дека острата имигрантска политика на Владата во Лондон може да има негативни последици за растот на продуктивноста во домашната економија.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство