Одбојкарските двојки Мишонова/Сланчева од Бугарија, во женска конкуренција и Киковиќ/Баста од Србија, во машка конкуренција, ги освоија првите места на петтиот Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“, што во изминативе три дена се одржуваше на игралиштата на Градската плажа „Парк“.
Второто место го заземаа двојките Шкариќ/Фрајтовиќ од Србија, во женска конкуренција и Хаџиев/Раев од Бугарија, во машка конкуренција, а на третото место се пласираа Ангелова/Динова од Бугарија, во женска конкуренција и Колев/Митев од Бугарија, во машка конкуренција.
На турнирот, чиј организатор е Град Скопје, учествуваа шеснаесет двојки во машка и осум двојки во женска конкуренција, од Албанија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска и Македонија. Наградниот фонд изнесуваше 5.000 евра, по 2,5 илјади евра за двете конкуренции.
Традиционалниот меѓународен турнир во одбојка на песок се организира како дел од активностите за одбележување на 51-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година.