Знамињата во Франција три дена ќе бидат на половина копје во знак на национална жалост за жртвите на летот АХ5017 на авионот на „Ер Алжир“, што се урна на северот од Мали, јави дописникот на МИА од Париз.
Францускиот претседател Франсоа Окаб денеска има работен состанок во Елисејската палата посветен на авионската несреќа, за чии причини се најавува тешка истрага.
Една од двете „црни“ кутии кои се веќе пронајдени најверојатно е оштетена и тие ќе бидат испитувани во Франција. Кратерот на местото каде паднал авионот сведочи за жестокоста на ударот, бидејќи од авионот нема поголеми делови од трупот или од моторите, туку само парчиња извиткан и поцрнет метал.
Француските полицајци кои беа на лице место на несреќата во саботата констатираа дека нема ниту едно тело на местото на судирот од 118 жртви. Според очевидците, авионот паднал како „бомба“, со полни резервоари од керозин, поголемите делови од авионот сигурно се вкопани по неколку метри во земја, што ќе ја отежне истрагата. Истите тие извори за француските медиуми објаснуваат дека авионот удрил во земјата директно без да се обиде да атерира.
Првите заклучоци од местото на несреќата наведуваат да се помисли дека станува збор за несреќа, откако пилотот на авионот поради засега неразјаснети причина ја губи контролата на авионот за време на тропската бура.
Ако имаше бомба во авионот или ако беше погоден од ракета, авионот ќе се распаденше и ќе имаше повеќе елементи на земјата, како во случајот со Боингот на „Малезија Ерлајнс“ во Украина. Сепак француските истражни органи не исклучуваат ниту една хипотеза за причините на несреќата.