Холандските и австралиските невооружени полицајци, кои пристигнаа во Украина, денеска не отидоа на местото на несреќата на малезискиот авион, бидејќи во регионот продолжуваат битките.
– Не можеме да преземаме ризици. Состојбата на патот кон местото и самото место не е за невооружена набљудувачка мисија, изјави Александар Хаг, претставник на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
Тој истакна дека експертите ќе се обидат утре да отидат до местото каде на 17 јули урна малезискиот авион со 298 патници и членови на екипажот.
Претходно, кабинетот на малезискиот премир Наџиб Разак соопшти дека малезиските власти постигнале договор со проруските сили во Источна Украина на полицајците од повеќе држави да им се овозможи пристап до местото на падот на авионот.
Во соопштението се истакнува дека на полицајците ќе им биде дозволено да влезат во конфликтното подрачје во Источна Украина „за да обезбеддат заштита на меѓународните експерти за истрагата за падот на авионот“.
Лидерот на самопрогласената Доњецка народна репблика, Александар Бородај утрово се согласил да го прифати доаѓањето на меѓународните полицајци.
– Длабоко сум загрижен бидејќи меѓународните истражители не можеа на соодветен начин да го истражат местото на несреќата поради несигурната безбедноста ситуација на тоа подрачје, посочи Разак.