Издавачката куќа „Блесок“ го објави романот „Годината на смртта на Рикардо Реиш“ од нобеловецот Жозе Сарамаго во рамки на едицијата с.р. (современ роман/своерачно).
Ова врвно дело од португалски го преведе Наташа Сарџоска, а е објавено со поддршка на Програмата за култура на ЕУ.
Сместен во Португалија во раните години од диктатурата на Антонио де Оливеира Салазар, романот ги следи последните денови на Рикардо Реиш, во книгата претставен како средовечен поет и лекар кого го посетува духот на Фернандо Пешоа, големиот португалски поет и револуционер.
Во стварноста, Пешоа користел повеќе псевдоними – меѓу кои и „Рикардо Реиш“ – за да ги изрази различните аспекти на своето дело и фрагментираната природа на човечката мисла.
Романот „Годината на смртта на Рикардо Реиш“ Жозе Сарамаго го објавил во 1984 година. За ова дело ја добил Независната награда за странска фикција во Англија и наградата на меѓународниот ПЕН.
Книгата е достапна во печатен и во електронски формат.