Привршуваат подготовките за 53. Струшки вечери на поезијата

Од:

Во завршна фаза се подготовките за годинашното 53. издание на Струшките вечери на поезијата, информира денеска директорот Мите Стефоски.

Новитет од оваа година, како што најави, ќе биде неделата на поетски филмови и летниот саем на книгата што ќе се одржат пред почетокот на манифестацијата.

– Во неделата на поетски филмови ќе бидат прикажани разни мултимедијални, документарни филмови посветени на поезијата или поврзани со Струшките вечери на поезијата. Ќе биде отворен и саем на книгата, кој ќе ја промовира целокупната поетска продукција во Македонија во изминатите неколку години, а ќе бидат презентирани и изданијата на СВП, изјави Стефоски.

Во однос на програмските измени, нагласи дека секоја година се трудат да внесат што повеќе новитети за привлекување нова публика. Новитет, додаде директорот, ќе бидат значајните приредби приредени во ноќните часови, кога во рамки на „Ноќите без интерпункција“ ќе настапат значајни мултимедијални уметници од светот.

– Со тоа даваме простор и на другите поетски и интермедијални изрази да бидат присутни во рамки на фестивалот. Се потрудивме достојно во рамки на овогодинашното издание да биде претставена и македонската поезија со цел поширока перцепција на нашите книжевни вредности во светот. Тоа дополнително ќе го овозможи и присуството на значајни странски издавачи, директори и организатори на поетски фестивали со кои ќе биде организирана една посебна средба во рамки на нашата меѓународна соработка, а кои ќе овозможат македонската поезија и нејзина афирмација во светски рамки да биде што позабележителна, подвлече Стефоски.

Директорот на Струшките вечери на поезијата најави и локациски промени кај големите приредби, како и промени на визуелниот изглед на фестивалот.
– Некои од значајните приредби на СВП ќе добијат ново визуелно преобликување, ќе бидат на различни локации, со што веруваме дека ќе го привлечеме интересот на пошироката публика. СВП во рамки на својата програма овозможуваат значајно претставување и на младата македонска поезија, нешто што беше карактеристика и во минатото со што покрај значајните светски автори, кои оваа година ќе ни бидат претставени ќе биде претставена и македонската книжевност, односно македонската поезија на соодветен начин, рече Стефоски.

Педесет и третите Струшки вечери на поезијата свечено ќе бидат отворени на 21 август со традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган. Во недела на 24 август на завршната манифестацијата „Мостови“ на годинашниот лауреат Јужнокорејскиот поет Ко Ун ќе му биде врачена престижната награда „Златен венец“.

Би можело да ве интересира

Изгаснат е пожарот во Безистенот во Струга, зафатена кровната конструкција

ВИДЕО: Гори Безистенот во Струга

Катерина Ѓуровски

Левица: Во јадрото на Старата струшка чаршија се гради незаконски без одобрение за градба

Горан Наумовски

Кривична за стружанец поради предизвикување пожар, запалил трева и ѓубриште, па си заминал

Левица: Министерот Лимани ги остави градинките во Струга без кадар

Горан Наумовски

Струга домаќин на 13. државно и меѓународно првенство „Триатлон 3Дисциплини 2024“