Либерално-демократската партија застанува целосно зад битката која ја води владиката Тимотеј, за да не се дозволи раскрчмување на природно богатство и света земја. И додека се чека како ќе се произнесе Управниот суд за експропријацијата на 18 хектари атрактивно земјиште во манастирскиот комплекс „Свети Наум“, охридските пратеници од редовите на ВМРО – ДПМНЕ сеуште молчат.
За оваа земја не може Министерството за финансии со документ на четири страници, да ја извести МПЦ дека ќе се пристапи кон „одземање на корисничкото право“, и да одлучи дека на црквата ќе и’ бидат исплатени 110 денари за квадрат.
И на површина повторно излезе лагата на Владата со белосветските измамници-инвеститори. Субрата Рој кој во својата Индија е во затвор поради измама, наводно, поради почитување на верските чувства на македонскиот народ ќе се откажел на света земја да гради коцкарница и хотели. ЛДП ја прашува Владата, кој стои тогаш зад лагата и играта со Субрата Рој?
Кој требаше да го добие ова атркативно земјиште за да го узурпира и експлоатира?
Дали тоа е некој нов странски или домашен Субрата Рој?
Да им покажеме јасно и гласно дека не можат се’ да земат во оваа земја.
Како што комплексот Свети Наум сплотува различни религии и е туристичка атракција за сите добронамерници и вљубеници во убавата природа, така ЛДП повикува: Да се сплотиме сите и да застанеме зад битката на Владиката Тимотеј, зошто нема владиката да биде поразен за ова парче рајска земја, ова ќе биде пораз за сите нас.