САД знаеле дека ќе има напади врз нивни амбасади?

Од:

САД 48 часа претходно имале информации дека има закана од напади врз американски дипломатски претставништва, но ништо не било преземено. Оваа шокантна информација ја пренесува британскиот весник „Индепендент“ , повикувајќи се на високи американски дипломатски извори, кои велат дека нападот на конзулатот, во кој беа убиени амбасадорот Кристофер Стивенс и уште тројца Американци, бил организиран одвнатре и притоа било одземено големо количество на доверливи документи, вклучително и имињата на американските соработници во Либија, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

„Според високи дипломатски извори, Стејт департментот имал доверливи информации 48 часа пред толпите да ги нападнат конзулатот во Бенгази и амбасадата во Каиро, дека американските мисии може да бидат цел на напад, но не ги предупредил дипломатите да бидат на високо ниво на готовност или да го ограничат движењето во амбасадите“, пишува Ким Сенгупта, новинар на „Индепендент“.

Според „Индепендент“, во конзулатот во Бенгази имало долготрајно и сериозно кршење на безбедноста одвнатре. Триесетина стражари во конзулатот, либиски граѓани, давале слаб отпор при нападот и ги напуштиле своите позиции оставајќи ги напаѓачите да завладеат со конзулатот. Напаѓачите ја знаеле дури и локацијата на тајниот објект во Бенгази каде американските дипломати заминале да се засолнат по нападот врз објектот. И оваа тајна куќа била изложена на минофрлачки напади, поради што ниту едно американско засолниште во Либија веќе не се смета за безбедно.

Весникот пишува дека вистинската причина за нападот врз конзулатот не е објавувањето на филмот на интернет во кој се навредува муслиманскиот пророк Мухамед, туку убиството на Мухамед Хасан Каед, командант на терористичката мрежа Ал Каеда, по потекло од Либија. Каед бил убиен во напад со беспилотно летало во Пакистан.

„Овие тврдења се апсолутно неточни. Не знаеме за никаква доверлива информација која укажува дека се подготвува напад врз мисијата во Бенгаз“и, изјави Шон Турнер, портпарол на Џејмс Клапер, националниот директор за разузнавање во администрацијата на претседателот Барак Обама, во врска со тврдењата на весникот.

Новинската агенција Асошиејтед прес објави дека Накула Басли Накула (55), бизнисмен кој по потекло е египетски Копт, е вистинскиот автор и продуцент на филмот „Невиноста на муслиманите” кој беше искористен како повод за нападите врз американските дипломатски претставништва. Накула живее во Калифорнија, каде новинарите на Асошиејтед прес го лоцирале откако ја следеле локацијата на мобилниот телефон на човек кој контактирал со нив под лажно име и се претставил како автор на филмот.

Новинската агенција го истражила минатото на Накула, кој бил осуден на затвор поради измама и крадење идентитет. Извадоците од филмот кои беа објавени на интернет страницата Јутјуб, биле направени недостапни за корисниците од Египет, но снимката е се уште достапна за корисниците од другите земји и била погледната неколку милиони пати. Актерите во филмот обвинија дека Накула ги измамил и дека тие читале текст во кој не се навредувал муслиманскиот пророк Мухамед, но дополнително звукот во филмот бил преснимен со навредливи пораки.

Државниот секретар Хилари Клинтон вчера повторно се огради од објавувањето на овој филм и го осуди како „длабоко циничен обид да се понижи една цела религија и да се поттикне омраза”.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски

Торнадото во Оклахома однесе најмалку два животи, четворица повредени

Претседателскиот кандидат Џил Стајн е уапсена на протест против војната во Газа

(ВИДЕО) Пропалестинските протести се шират на американските универзитети, десетици уапсени

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Тројца повредени во торнадо во Небраска, стотици куќи оштетени