Хамонд: Ние не сме изолирани мали Ингландерси

Од:

Новиот британски министер за надворешни работи Филип Хамонд ги предупреди Брисел и земјите од ЕУ, дека „мора да се направат суштински реформи во Унијата, или Велика Британија ќе си замине“.

Хамонд кој е шеф на Форин Офисот од минатата недела, уште во првите изјави дадени за домашните медиуми навести дека неговата задача ќе биде да изнуди отстапки од европските партнери за реформирањето на ЕУ, онака како тоа го замислуваат британските конзервативци.

Во остро интонираната порака, Хамонд вели дека „една нереформирана Унија,во иднина, ништо нема да и значи на Велика Британија“ па, затоа, доколку ЕУ сака и понатаму да ги има Британците покрај себе, ќе мора темелно да се промени.

– Велика Британија не е држава на мали, изолирани Ингландерси, рече новиот британски шеф на дипломатијата, во интервју за Би-Би-Си, порачувајќи им на европските критичари на тврдиот британски евроскептицизам, дека официјален Лондон, сепак, не е осамен во барањата за реформирање на ЕУ.

Хамонд, засега, не елаборира кои се реформите што Британците ги бараат, но од порано е познато дека се бара враќање на овластувањата што еднаш веќе му се префрлени на Брисел, преиспитување на некои од европските сподгодби и нови британско-европски преговори за статусот на Велика Британија во ЕУ.

На крајот на тој процес, што според британските проценки би требало да трае не повеќе од две години, во Велика Британија би се организирал референдум на кој луѓето ќе треба да одлучат дали сакаат нивната земја да остане во ЕУ, или да ја напушти.

Острите евроскпетици во редовите на десното крило на Конзервативната партија на премиерот Дејвид Камерон, сметаат дека Британија наместо да се врзува кон ЕУ, треба самата да се сврти кон остатокот од светот,дека така ќе и биде подобро, инсистирајќи дека сега и Британците во поголемиот дел веруваат оти земјата треба да излезе од Унијата, во која членува од 1973 година.

Ваквото тврдење на конзеравтивните евроскептици се поткрепува со изборните резултати на мајските евро избори на кои победи крајно евроскептичната и десноопределено Партија на независноста на Обединетото Кралство (УКИП).

Оваа партија, што е создадена од поранешни ториевци, главно од нејзиното десно крило, заговара излегување од ЕУ, тесно победи пред лабуристите, но убедливо ги порази конзервативците на премиерот Камерон. Тој сега настојува таквиот резултат да го материјализира во своја полза, прво меѓу неговите ториевци и меѓу евроскпетиците, заговарајаќи уште потврда позиција кон ЕУ, а потоа и пред сите британски гласачи, затоа што тоа сега се нуди како платформа за парламентарните избори во мај 2015 година.

Ваквите маневри на конзервативниот дел од британската Влада, во Брисел и меѓу европските партнери се означува како попуштање пред единствената британска антиевропска партија, каква е УКИП.

Домашната опозиција, вклучувајќи ги и либералдемократите кои се коалиционен партнер на ториевците во владата, се противат на антиевропската тврда реторика, како и на политката што кон ЕУ ја води Камерон, противејќи се на референдумот.

Лабуристите го обвинуваат премиерот дека е „заробеник“ на своите евроскептици и дека „УКИП му ја креира политиката“ кон Унијата, иако и опозицијата смета дека реформи се неопходни во ЕУ, особено по кризата во еврозоната и мерките што се преземаа.

Главните „играчи“ во ЕУ се против „унилатерални“ преговори со Лондон, иако не е за тоа Велика Британија да си замине од Унијата. Но поради успехот на антиевропските партии на крајната десница и левица на мајските евроизбри, посебно во Франција, па и во Германија, еврооските лидери не ги отфрлаат лесно предлозите за реформи на ЕУ.

Тоа го знае Камерон кој затоа и изврши темелна реконструкција на владата, во редовите на конзервативците, целосно елиминирајќи ги сите кои заговараат умерена политика кон Брисел.

Во „чистката“ што ја направи премиерот, за нови министри, или заменици министри, се поставени припадници на тврдото евроскпетично крило кај ториевците. Поради тоа, настрада и досегашниот министер Вилијам Хејг, а затоа на неговото место, за шеф на дипломатијата е поставен Филип Хамонд. Тој претходно даваше изјави дека долколку сега би имало референдум, ќе гласа за напуштање на ЕУ, па во проевропската политичка јавност во Лондон е прогласен за најголемиот евроскептик од сите досегашни министри за надворешни работи, по Виконтот Халифакс, кој во 1939 година прогласи војна против нацистичка Германија.

Лондонски „Меил он Сандеј“ кој важи за близок на конзервативците, не го крие своето неверување во можностите на Хамонд да раководи со британската дипломатија.

Весникот смета дека тој ќе остане во Форин Офисот само до следните избори, за да „ја грее фотељата“ за Џорџ Озборн, сегашен министер за финансии, кој би требало да се префрли во дипломатијата, доколку ториевците победат и формираат своја влада.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство