Македонската женска кадетска ракометна репрезентација со две победи против Тунис го пречекува стартот на Светското првенство кое од 20 јули до 3 август ќе се одржува во Македонија. Нашата репрезентација натпреварите од групната фаза ќе ги игра во Струмица, па затоа двата контролни натпревара со Тунис се одиграа во салата „Парк“.
Избраничките на селектрот Аце Станковски остварија две победи, синоќа беше 24:17 (10:10), а во првиот дуел што беше одигран „зад затворени врати“ Македонија победи со 26:20.
Македонската репрезентација е дел од групата Ц и на отворањето во 1.коло во недела (20.јули) ќе игра против Германија. Покрај оваа репрезентација во нашата група ќе играат уште: Аргентина, Романија, Данска и Узбекистан.
На шампионатот учествуваат 24 репрезентации поделени во четири групи (две групи се играат во Охрид, а по една во Струмица и во Скопје). Завршницата на шампионатот ќе се одигра во СЦ „Билјанини извори“ во Охрид.