Во Авганистан денеска почна проверката на сите 8,1 милиони гласачки ливчиња од вториот круг од контроверзните претседателски избори во земјата.
– Проверките ќе траат две до три недели. Планираме да оформиме стотина тимови за проверката. Се надевам дека овој пат двајцата кандидати ќе ги прифатат резултатите од изборите, изјави Ахмед Јусуф Нуристани, претседател на Независната изборна комисија.
Целта на проверката е ублажувањето на дестабилирачката политичка криза, која се заканува со продлабочување на етничката поделба во земјата во моментот кога НАТО ги намалува своите ангажмани во Авганистан.
Авганистанската армија и НАТО транспортирале во Кабул околу 23.000 гласачки кутии, кои ќе бидат проверувани на 100 пунктови.
За проверка на гласачките ливчиња се сложија двајцата кандидати Абдулах Абдулах и Ашраф Гани, по договорот постигнат со посредство на американскиот државен секретар Џон Кери.
Договорот за повторување на проверката на ливчињата дојде по неколкунеделните залудни дипломатски напори и го отвори патот до формирање влада на национално единство, во која учествуваше и губитничката страна.
Во првото пребројување на гласачките ливчиња од вториот круг, победник на изборите е поранешниот експерт на Светската банка, Ашраф Гани со 56,44 проценти од гласовте. Гласовите ќе бидат преброени поради тоа што во првиот круг кандидатот Абдулах Абдулах водеше со 13 проценти од гласовите.