Македонската одбојкарска репрезентација не се пласира во финалето на Европската лига откако синоќа во Будва загуби од Црна Гора со 3-1, а потоа го загуби и „Златниот сет“.
Црногорците не победија со иста разлика како што загубија во Скопје. Првиот сет го добија со 25:21, третиот со 25:22, а четвртиот со 25:23. Македонија доминираше во вториот сет освојувајќи го со резултат 25:13.
Според пропозициите во таков случај се пристапи кон играње решавачки „Златен сет“. Домаќините беа поуспешни и победија со 15:10 што значеше финале за нив.
За Македонија настапите во Европската лига значат ново искуство, а билансот од осум победи и само два пораза на десетте одиграни натпревари дава надеж дека избраниците на селекторот Жарко Ристоски имаат квалитет за ниво погоре, односно пласман во Светската лига.
А за учество во Светската лига следната сезона, Црна Гора ќе се бори против Грција која во реваншот од второто полуфинале од Европската лига ја совлада Словенија на гостински терен со 3:1 (2:3 на првиот дуел).