Окружниот суд во Стокхолм ќе ја разгледа денеска молбата на адвокатите на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж за укинување на наредбата за негово апсење во Шведска.
Австралиецот Асанж доби политички азил од Еквадор, но во пракса не може да го напушти Лондон, бидејќи британските власти одлучија да го екстрадираат во Шведска.
За да го избегне апсењето Асанж веќе две години живее во Амбасадата на Еквадор во Велика Британија, повикувајќи се на правото на екстериторијалност на дипломатската мисија.
Адвокатите на Асанж нагласуваат дека според шведскиот Кривичен законик обвинителството е должно да ги разгледа околностите за овој случај во најкус можен рок, со цел штетите за репутацијата, финансиската состојба и евентуалните други последици за осомничениот да се сведат на минимум.
Тие додадоа дека Асанж досега повеќе пати барал да биде сослушан во Лондон, но оти шведското обвинителство одбивало тоа да го стори.
Според шведското законодавство, против осомничено лице може да биде покренато официјално обвинение само откако ќе биде сослушано и кога ќе добие можност да наведе имиња на луѓе, кои можат да сведочат во негова корист.
Во Шведска Асанж е осомничен за сексуален напад врз две шведски државјанки. Асанж стравува дека Шведска може да го депортира во САД, каде му се заканува долг престој во затвор, а потенцијално и смртна казна поради објавување на доверливи документи од американскиот Стејт департмент.