Со свечено отворање во хотелот „Молика“ на Пелистер, денеска почнува 15-то издание на Меѓународната сликарска колонија „Нижо Поле 2014“.
Годинава на колонијата ќе учествуваат 17 еминентни сликари од Бугарија, Србија, Грција и од Македонија, посочи менаџерот на колонијата, ликовниот уметник Драган Најденовски.
– Ликовните уметници ќе сликаат мотиви од Пелистер, пејзажи и други природни имепресии на слободна тема. За сликање ќе се користи маслена и акрилик техника, а изработените дела ќе бидат изложени на посебна меѓународна сликарска изложба што ќе се одржи на 15 септември во изложбениот салон Магаза во Битола, потврди Најденовски.
Во потпелистерјето до 24 јули ќе сликаат четири ликовни уметници кои живеат и творат во бугарските градови Пловдив, Софија, Перник и Пазарџик, од српските градови Параќин и Нови Сад има два ликовни уметници, гости има и од Грција, додека од Македонија годинава на колонијата ќе сликаат Данчо Ордев, Анета Ивановска, Илија Кочовски, Драган Најденовски и други уметници.
Меѓународната сликарска колонија „Нижо Поле 2014“ се одржува во рамките на битолското културно лето „БитФест“.