Националниот совет на Кипар денеска ќе одржи седница со учество на претставници на парламентарните политички партии, на која се очекува тие да ги презентираат своите ставови за промени во стратешката позиција на кипарските Грци околу планот за обединување на островот, што го иницираше кипарскиот претседател Никос Анастасијадис, објави весникот „Филелефтерос“.
Кипарскиот претседател испрати допис до Парламентот во кој се наведува дека досегашните позиции во преговорите со кипарските Турци се „целосно некомпатибилни“.
Според Анастасијадис, турската страна во овие преговори има намера да издејствува создавање посебна држава, која ќе одржува меѓународните односи и ќе склучува меѓународни договори.
Кипар е поделен од 1974 година, кога Турција го освои северниот дел островот, како реакција на воениот удар извршен од кипарските Грци со поддршка на хуната во Грција.
Прв неуспешен обид за повторно обединување на Кипар имаше во 2004 година, но кипарските Грци на референдум не ги прифатија условите на договрот.
Приговорите под покровителство на ОН, прекинати во 2012 година, беа обновени во февруари годинава на иницијатива на Вашингтон.
Сега кипарскиот претседател се надева дека ќе добие поддршка од партиите, посебно од главната опозициска партија АКЕЛ, која постојано го критикува за неуспехот во приговорите од 2008 до 2012 година.
Никос Анастасијадис сака политичките партии да дадат одговор на дилемата – дали грчката страна да остане на сегашните позиции за унитарна држава или да бара решение за кипарскиот проблем преку создавање на бинационална федерација на островот.