Во Мултимедијалниот центар во Ровињ од 7 до 28 јули се одржува изложбата „In The Zone“ на која се претставени седуммина македонски уметници.
Свои слики имаат изложено Антони Мазневски, Атанас Атанасовски, Исмет Рамиќевиќ, Јане Чаловски, Велимир Жерновски, Гропата Опа и Ѓорѓе Јовановиќ.
Низ делата на авторите провејува една специфична перцепција на материјалот и неговото интерпретирање, преобликување, додека, од другата страна се уметниците ангажирано врзани за рецепција на случувањата, опкружувањето, за реминисцентните слики како духовна потреба за нивното визуелно транспонирање.
– Изложбата „In The Zone“ е конципирана од дела кои го иницираат специфилното бележење на депонираните податоци на рецентнити или минато време, случувањата, меморираните слики кои се поставени во дефинирана територија како порака, критика или иронично отсликување, кадрирањње на културолошкиот или социо-психолошкиот ракурс. Зона е именител на бележење на субјективната позиција на уметникот во имагинарниот синопсис на зоната на уметникот во непрекината трансформација на територијата на уметничкиот говор, наведува куратотот на изложбата Викторија Васева Димеска.
Изложбата ја организира „Атакарнет“ од Скопје и е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.