Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева-Змејкова денеска се сретна со претставници на Заводот за здравствено осигурување на Херцеговачко-неретванскиот кантон во Босна и Херцеговина.
Од ФЗОМ соопштија дека на средбата станало збор за финансирањето на здравствените услуги во примарната здравствена заштита, електронскиот систем на интегрирано здравство и е-услугите на ФЗОМ, решенијата и новините кои ги воведува Фондот за здравствено осигрување на Македонија, како и предизвиците за подигнување на квалитетот на здравствените услуги, добрата пракса и успешните проекти.
Посетата на ФЗОМ, како што се наведува, е на иницијатива на босанската делегација, која поттикната од постигнатите резултати во здравствените реформи, презентирани на 7.Регионален форум на фондови за здравствено осигурување од регионот, што се одржа во Бања Лука, одлучи да се запознае со начинот на реализација на реформите во практиката.
Директорката Парнарџиева-Змејкова ја запозна делегацијата со структурата и работата на ФЗОМ, како и со функционирањето на македонскиот здравствен систем во целост.
Таа нагласи дека добрата пракса и успешно реализираните проекти на ФЗОМ, како и на македонскиот здравствен систем, како што се: електронската здравствена картичка, е-рецептот, проектот Mој термин, претставуваат големо олеснување за осигурениците кои сега многу поквалитетно и побрзо ги остваруваат своите права.
Раде Бошњак, директор на Заводот за здравствено осигурување на Херцеговачко-неретванскиот кантон од Босна и Херцеговина, изрази благодарност од приемот во Фондот за здравство, и искажа пофални зборови за планот и програмата која ја презентираше Парнарџиева-Змејкова.
Тој нагласи дека македонските искуства и пракса се исклучително интересни и корисни за Заводот за здравствено осигурување на Херцеговачко-неретванскиот кантон од Босна и Херцеговина и дека посетата на босанската делегација е во насока на преземање на овие искуства и нивна примена во Босна и Херцеговина.
Бошњак, истовремено ја информираше директорката за новините и проектите што ги преземаат во Босна и Херцеговина и укажа дека е неопходно да се разменат искуства.
На средбата беше договорено соработката да продолжи и натаму со размена на информации и искуства што ќе придонесат за натамошно унапредување на здравствениот систем.