Милчин: За тајната средба, лајкот и пироманите во земјата Вмровија

Од:

По серијата текстови во провладините медиуми дека Сорос Фондацијата Отворено општество -Македонија, наводно ги поддржувала протесите што сe случија минатиот петок во Скопје, дека ја финасирала трибната „Што да се прави“ во организација на опозцијата, дека се случила „тајна средба“ помеѓу професорот Љубомир Фрчковски, новинарот Ацо Кабранов, директорот на Фондацијата Владимир Милчин и некој „близок до Заев“ наводно за да во јавноста  креираат „тензии и етничка нетрпеливост“, следува реакцијата на Милчин, кој на својот фејсбук профил пишува:

„Ептен тајна мора да била „тајната средба“ за која денес тропаат медиумските тапанари на Грујо. Толку тајна што ни јас не знаев дека се одржала, иако тапанарите тврдат дека сум учествувал во неа, заедно со Фрчко, Кабранов и член на раководството на СДСМ близок до лидерот Зоран Заев. Толку тајна што тапанарите не знаат ни каде, ни кога се одржала „тајната средба“, а не го знаат ни името на членот на раководството на СДСМ. Единственото што на тапанарите не им е тајна е она што им го дошепнале тајните служби, партиски или државни, сеедно, во Вмровија тие се едно. Им дошепнале за што сме се договориле ние на „тајната средба не знам каде, не знам кога и не знам со кого“! И сега ме мачи прашањето дали таа „тајна средба“ се случи кога на кејот се разминавме со Фрчко? Јас со кучињата пеш, а Фрчко на точак со детето. Или кога си мавнавме со Кабранов на влегување во холот на хотелот Александар Палас? Ама Кабранов не беше на кејот, а Фрчко не беше во холот! А тајниот член на раководството не беше ни на кејот ни во холот! Накусо, „тајната средба“ се случила само во испаколичениот ум на тој што заповеда со моќната пропагандна машинерија на власта. Каков уплав го мачи Груевски па се уплашил од еден грст медиуми што ги помага Фондацијата отворено општество – Македонија? Сите два на албански и сите пет на македонски јазик? Не ми се верува.

Што се тие наспроти медиумската империја што ја контролира тој? Нешто друго го мачи Груевски:

Стравот дека суровото секојдневие во Вмровија постепено ја нагризува пропагандната лакировка која ги замајува граѓаните.

Да, Скопје заличи на Бејрут деновиве, но за тоа е виновен режимот на Груевски и Ахмети, а не Фондацијата, Либертас (порталот не е грантист годинава) или македонските и албанските интелектуалци чии фотографии ги објавуваат кога тврдат дека се на платната листа на Милчин. Тоа е лага не помала од лагата дека Милчиновата фондација ја финансирала дебатата организирана од СДСМ. Ниту СДСМ барал, ниту Фондацијата дала пари за дебатата. Фондацијата не финансира партиски активности!

Хистеријата на груевистите деновиве достигнува кулминација. Ќе лајкнеш вест на порталот Либертас и, бидејќи строго контролиран граѓанин, ќе се најдеш на нишанот на една сурија разврескани платеници на власта кои ќе те прогласат најпрвин за поддржувач, а потоа и за поттикнувач на немири со кои немаш ама баш никаква врска. Па ќе те прозиваат телевизии и портали ултимативно барајќи да одговориш на прашањата формулирани во Центарот за лаги и дезинформации на владејачката партија.

Се разбира, нема да те прашаат што мислиш, на пример, за пироманскиот завршен збор на обвинителката во случајот „Монструм“. Или што мислиш за лошиот политички театар во кој потпалувачите глумат пожарникари, а зад нив под пепелта одново и одново останува да тлее огнот кој ќе го разгорат кога ќе им притреба. Меѓувремено, ќе се јави и полуписмениот, но крвожеден потпалувач Миленко со повик за ликвидација на Ризаов и Милчин, па ќе напише: Време е, како и во нивната Југославија и нивните Озни и Удби и овдека да биде формирано одделение СМЕРШ.

За неинформираните, СМЕРШ е формиран во април 1943-та со главна задача: „ликвидација на шпиуни, издаици, колаборатери и дефетисти“. Комунистите имале и така наречени ППК единици. Односно, Против Петта Колона единици. СМЕРШ – Смерти Шпионам, и ППК му е мајката, блада Миленко. А да отворел барем Википедија, ќе видел дека СМЕРШ – Смерт шпионам нема врска ни со неговата Југославија, ниту со ОЗНА и УДБА, туку бил советска контраразузнавачка служба во Втората светска војна. Накусо, Миленко е дудук, односно шупелка, што не значи дека не е штетен за здравјето на нацијата.

Зашто неговото „антикомуњарство“ се разоткрива во повикот за ликвидација на тие што се противат на едноумието. Според рецептите на најтврдиот болшевизам. Во недостиг на аргументи, тој би да посегне по револвер. По можност Валтер, модел ППК. Еве што мислам за постерот за чие палење извести Либертас: Во неделата, на 29 јуни 2014 година рано попладнето, возејќи кон Радишани поминав низ Чаир. На калканот од една повеќекатница го здогледав портретот на министерката за внатрешни работи. Поточно, министерка која беше и кандидат за пратеник, па откако стана пратеник, си се врати во министерската фотелја, ама пред да престане да биде пратеник.

Big sister is watching you, ми светна. Од изборите беа поминале повеќе од 60 дена, но огромниот постер на министерката на полицијата сѐ уште беше таму! А што вели Законот за избори во член 79, став 2? Цитирам: Учесникот во изборната кампања е должен во рок од 30 дена по завршувањето на изборите да го отстрани сметот од плакатите. Така определил законодавецот. Зошто огромниот постер (плакат) не е отстранет ни по 60 дена? Зашто формулацијата „смет од плакати“ не може да се однесува на плакатот на министерката на полицијата или зашто нејзиниот постер има вредност на икона? А зошто министерката не се погрижила да го спроведе законот, ако веќе нејзината партија не го направила тоа? Од немукает или од ароганција која се темели на убедувањето дека таа е над законите? Списокот на нејзините министерски гревови е долг и својата кулминација ја достигна со насилното набркување на новинарите и пратениците од Собранието.

Тоа ѝ помина неказнето. И наеднаш, замислете, некои „вандали“ се дрзнале да го запалат нејзиниот постер, достоен за Ким Ил Сунг! И згора на тоа, некои „соросоиди“ се дрзнале да стават лајк на веста за иконоборството! Строго контролираните граѓани треба да си знаат дека лајковите се надгледуваат и пребројуваат, порачува власта. Сѐ уште им е дозволено да читаат, но не е препорачливо да споделуваат или, не дај боже, да лајкуваат. Ако лајкнат нешто што не ѝ се допаѓа на власта, готови се! Лајкот ги издава нивните скриени мисли против власта, а таа има средства и начини да го казни тоа. Граѓаните се откажаа од многу слободи, има да се откажат и од слободата да лајкуваат, порачува власта. Зашто, власта си знае дека патот од лајкот до „Молотов коктел“ е краток. И среќна е што граѓаните сѐ уште не го знаат тоа.“, пишува Милчин.

Би можело да ве интересира

Сорос тврди дека поразот на Русија во Украина ќе ја распадне „Руската империја“

Сорос и Гејтс ќе ја преземат фирмата за брзи ковид тестови

Ана Ололовска

ПроПублика: Маск, Сорос, Безос не плаќале данок на доход со години

Ана Ололовска

Највисокиот суд на ЕУ против унгарските закони што го погодија универзитетот на Сорос

Ана Ололовска

Според Сорос, Си е закана за ЕУ

Ана Ололовска

Орбан: Сорос стои зад миграцијата на Балканот

Ана Ололовска