Словенија е за реализација на проектот „Јужен поток“ на територијата на Словенија, изјави денеска на прес конференција во Марибор словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец, пренесе ИТАР-ТАСС.
– Ние сакаме „Јужен поток“ да минува низ нашата територија – рече Ерјавец.
Според словенечкиот министер, при својата посета на Москва на 30 мај, тој добил уверување дека по склучувањето на спогодбата со Австрија „Јужен поток“ ќе минува преку словенечка територија.
Ерјавец прецизира дека пречките за реализацијата на проектот се повеќе од административен, а не од политички карактер. Тој истакна дека штом било најдено решение за „Северен поток“, нема причина да не се решат и проблемите со „Јужен поток“.
– Ние сметаме дека откако Европската комисија ќе почне да дише со полни гради ова прашање веднаш ќе се придвижи нанапред – рече Ерјавец.