Невработеноста во Чешка, во јуни бележи намалување за 0,1 проценти и изнесува 7,4 проценти, соопшти денеска Националното биро за вработување.
Според податоците, како што јави дописникот на МИА од Прага, без работа биле 537.179 луѓе, додека во мај тој број беше 549.973 луѓе.
Аналитичарите коментираат дека на ситуацијата на пазарот на трудот влијаат сезонските работи и оживувањето на чешката економија. Во наредните месеци, е можно невработеноста благо да се зголеми заради новодипломираните.
Трендот на намалување на невработеноста во земјата трае од почетокот на годината, во јануари, кога изнесуваше 8,6 проценти, а без работа беа 629.274 лица, највеќе во историјата на Чешка.
Меѓу кандидатите за работа, најмногу бараат работа во администрацијата, трговијата, неквалификуваните градежни работи, угостителската дејност и транспортот. Во најново време, во помала мера работа бараат и наставници, педагози, воспитувачи или лектори.
Стапката на невработеност во Чешка, според Евростат е под европскиот просек, кој кај земјите на ЕУ изнесува 10,3 проценти.