Папата Франциско денеска првпат се сретна со жртвите на свештениците педофили, при што изјави дека злоупотребувањето е „замаскирано со соучество“ и замоли за простување.
Тој изјави дека Католичката црква „мора да плаче и да ја поправи штетата“ поради тоа што им го сторила на жртвите и молеше за простување за она, што според него, станало „култ на богохулење, кој го осквернавил Бога“.
Шест жртви од Велика Британија, Германија и Ирска имаа средба со 77-годишниот папа во неговата приватна резиденција во близина на базиликата Свети Петар. Целта на средбата беше папата да ја изрази својата блискост со десетици илјади лица во светот, кои биле жртви на свештениците.
Папата во мај ги спореди педофилите свештеници со сатанизмот и вети дека ќе има нулта толеранција кон злоупотребувачите.