Македонската одбојкарска репрезентација со биланс од седум победи и еден пораз го освои второто место во групата Б од Европската лига и се избори за полуфинале со првопласираниот тим од А групата Црна Гора.
Македонија синоќа ја совлада Словенија на нејзин терен во Марибор со 3:1 во сетови. По натпреварот селекторот на нашата репрезентација Жарко Ристоски изјави дека е среќен поради прекинот на лошата традиција на средбите со Словенците.
– Овој натпревар го одигравме подобро од претходниот. За нас ова е голема победа и срушивме долга традиција, бидејќи успеавме да ја победиме Словенија. Ова е голем резултат за нас, групната фаза ја завршивме со победа. Многу сум задоволен и горд на моите играчи. Седум победи е навистина голем резултат за нас во Европската лига. Ние сега сме фокусирани на полуфиналето, потенцира Ристоски.
Според календарот на натпревари објавен на Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ), во полуфиналето Македонија на 12 или 13 јули ќе игра дома против Црна Гора, додека реваншот нашата одбојкарска селекција го игра на гостински терен на 16 јули.