Жестоки судири избија денеска меѓу полицијата и група Палестинци во Источен Ерусалим и арапските села во Северен Израел откако беше објавена веста дека убиениот палестински тинејџер бил жив запален, јави ДПА.
Странските агенции јавуваат и за повредени и уапсени во протестите.
Полицијата стравува дека бунтот меѓу арапското малцинство, кое претставува 20 проценти од населението во Израел, може да ескалира. Израелскиот министер за безбедност Ицак Ахаронович предупреди дека ќе има нулта толеранција кон учесниците во нарушувањето на редот.
Израелското радио соопшти за напади против еврејски возачи во арапски села во Северен Израел, откако протестите се проширија и надвор од Ерусалим.
Вчера илјадници Палестинци присуствуваа на погребот на убиенот палестински тинејџер Хусеин Абу Худаир, чие тело беше откриено во шума во Ерусалим, вториот ден по неговото исчезнување. Полицијата истражува дали убиството било одмазда за киднапирањето и убиство на тројца израелски млади луѓе минатиот месец.
Палестинските меидуми денеска соопштија дека аутопсијата покажала дека Абу Худаир бил жив запален, Израелските власти се уште не ги претставиле официјалните резултати од аутопсијата.