Грчките власти им наложија на вработените во најголемото домашно електродистрибутивно претпријатие ППЦ денеска да се вратат на работа, заканувајќи им се со апсења доколку продолжат со штрајкот, кој доведува до исклучување на струјата ширум земјата среде летната сезона.
Одлуката на властите доаѓа откако претставнците на штрајкувачите ја оспорија вчерашната одлука на судот дека нивниот штрајк е нелегален.
Вработените во ППЦ стапија во штрајк поради планот на грчката Влада следната година да продаде 30 проценти од акциите на таа фирма. Штрајкувачите тврдат дека приватизацијата ќе доведе до раст на цената на струјата и ќе претставува дополнително оптоварување на грчките домаќинства.
Грчката Влада, пак, тврди дека продажбата на дел од акциите е од јавен интерес и оти потоа струјата ќе поевтини.
Инаку, според грчките закони, на вработените во штрајк може да им се наложи да се вратат на работа кога постои можност од граѓански немири, природни катастрофи или во случај на здравствен ризик.