Припадници на екстремистичката организација „Ал Шабаб“, кои се заканија дека ќе ги интензивираат нападите за време на муслиманскиот свет месец на постот Рамазан, денеска ја презедоа одговорноста за силната експлозија на автомобилот-бомба во Могадишу, од која погинаа најмалку две лица.
-Ова е нашиот втор напад врз зградата на Парламентот и ние ќе ги продолжиме нападите, изјави шеикот Абдиазиз Абу Мусаб, портпарол на „Ал Шабаб“ за воени операции, пренесуваат британските медиуми.
Денешната експлозија се случи во близина на зградата на Парламентот во главниот град на Сомалија, Могадишу, неколку стотици метри од претседателската палата и во неа погинаа најмалку две лица, изјави еден пратеник.
-Цел на бомбашот самоубиец бил влезот во зградата на Парламентот, но војниците кои го обезбедувале објектот почнале да пукаат од сите страни кога автомобилот со експлозивот се приближил до главната капија, рече полицискиот полковник Нур Ахмед.
Полицијата соопшти дека погинале двајца војници, а четворица се ранети.
-Автомобилот-бомба експлодира кај Парламентот, но сите сме безбедни, рече пратеникот Дахир Амин Џезов мислејќи на пратениците кои биле во зградатата во тој момент.
Војската ги блокирала сите улици што водат во оваа област, наведуваат британските медиуми.
-Се стресовме од силната експлозија кај зградата на Парламентот. Веднаш не опколи војската и не можеме да излеземе од куќите, рече Фарах Сабдов, жител на овој дел од градот.