Контроверзниот градоначалник на Торонто Роб Форд изјави дека не може да вети дека ќе остане трезен доколку на изборите во октомври повторно биде избран на функцијата, додавајќи дека граѓаните едноставно ќе мора да му веруваат.
Форд неделава се врати на работното место по два месеци минати во центар за лекување на зависност.
Тој во интервју за радио станицата „Њузток 1010“ изјави дека не може да вети нешто над што нема контрола.
-Тоа е на Вас, одговори градоначалникот, додавајќи дека гласачите ќе мора да ја прочитаат неговата биографија, да ја споредат со противкандидатите и едноставно да му веруваат.
Форд нагласи дека ќе учествува на изборите за градоначалник на Торонто, закажани за 27 октомври годинава.
Контроверзниот градоначалник на почетокот на неделата изјави дека користел секаков вид на дрога што може да се замисли, како и дека зависноста од дрога и алкохол е виновна за неговите расистички и хомобични изјави.
Форд призна дека користел кокаин, марихуана и халуцигени печурки, но не и хероин.