Македонската радиотелевизија и Бугарската национална телевизија денеска во Охрид ќе потпишат договор со кој взаемно се согласуваат нивните програми да се емитуваат на териториите на двете држави.
Постигната е согласност и правото на реемитување на кабелските оператори да им биде отстапено бесплатно.
Договорите ќе ги потпишат генералните директори на МРТ, Марјан Цветковски и на БНТ, Вера Јанкова. Претставници на БНТ истоврмено ќе потпишат и први договори со десетина македонски кабелски реемитувачи со што сателитската програма на БНТ ќе биде ставена во нивната понуда.
Идентична процедура наскоро ќе биде реализирана и во Софија со дел од кабелските оператори во Бугарија што ќе го добијат правото на преземање на сателитската програма на Македонската телевизија.
Овој договор е резултат на првата неформална дебата на дваесетина афирмирани новинари и медиумски експерти од двете држави што во Скопје ја иницираше Македонско-Бугарската Стопанска Комора (МБСК). Во директната реализација на оваа идеја за јакнење на пријателските врски меѓу државите се вклучија и претседателите на советите за медиуми на Бугарија, Георги Лозанов и на Македонија, Зоран Трајчевски.
По потпишувањето на договорот меѓу БНТ и МРТ ќе продолжи дијалогот околу можностите за зеднички телевизиски проекти на бугарскиот и македонскиот јавен сервис.