Најмалку две лица загинаа, а десетици други се повредени во Бело Хоризонте, кога еден надвозник се урна и падна врз автопатот во овој бразилски град.
Надвозникот од бетон и челик се наоѓаше во изградба и се уште не беше предаден во сообраќај. При уривањето, тој го зафати предниот дел од еден локален автобус, полн со патници, две други товарни возила, како и еден патнички автомобил, но засега не се знае дали патниците во него останале заробени меѓу урнатините.
Според соопштението на здравствените власти во сојузната бразилска држава Минас Жераис, чиј главен град е Бело Хоризонте, во оваа несреќа загинале возачот на автобусот и уште едно лице, додека 21 лице се полесно и потешко повредени и пренесени во болница.
Незавршениот надвозник е дел од инфраструктурата за Светското првенство во фудбал и тој требаше да помогне за да се унапреди јавниот транспортен систем во овој град.
Бело Хоризонте е еден од градовити домаќини на првенството. Во градот што е лоциран во југосточниот дел од Бразил, идната недела треба да се одржи еден од двата полуфинални натпревари.
Подготовките за ова Светско првенство беа исполнети со задоцнување во роковите за изградбата на стадионите и на другите објекти, предвидени за овој голем спортски настан,како и со низа инциденти на објектите во градба.
Најмалку седум лица загинаа во финишот на изградбата на објектите за Светското фудбалско првенство.
Претседателот на Бразил Дилма Русеф, која за три месеци ќе учествува во изборната трка за втор претседателски мандат, изрази „длабоко жалење“ поради овој инцидент и настраданите лица во него.