На локалитетот Могила во тек се археолошките ископувањата на неолитската тумба.
Според археолозите се работи за локалитет кој претставува една од најкомплексните неолитски населби во Пелагонија и заслужува подетално проучување и анализа на културното наследство поврзано со овој период и регион. Истражувањата на македонскиот и словенечкиот тим, предводени од Гоце Наумов (Универзитет „Евро Балкан“) и Аленка Томаж (Универзитет при Приморска), се насочени кон утврдувањето на материјалната култура и општествените форми на неолитските заедници кои ја основале и развивале оваа населба.
-Се ископува периферниот дел на тумбата, со цел да се востанови начинот на живеење во граничните зони на населбата, односно меѓу нејзиниот центар и мочурливата околина. Резултатите од истражувањата значително ќе придонесат во темелното разбирање на социјалните и симболичките процеси манифестирани преку архитектурата, садовите, фигурините и алатките на првите земјоделски заедници во Пелагонија, вели археологот Наумов.
Покрај археолошките активности, истражувачкиот тим заедно со локалната самоуправа и вработените во училиштето „Гоце Делчев“ во Могила, се насочени и кон запознавање на месното население и учениците со предисторијата на општина Могила. За таа цел, предвидени се предавања во општинската зграда, работилници со учениците со цел да се зголеми интересот на локалното население за зачувување и презентирање на предисториското културно наследство во Пелагонија