Неколку дена од како сингапурските власти објавија војна против растечкиот сајбер национализам, што се појави на социјалните мрежи на петмилионскиот град – држава, особено вперен против филипинските работници во Сингапур, денеска реагираше и официјална Манила.
Филипините соопштија дека Канцеларијата за работа во странство при Министерството за труд ја одзела лиценцата на две сингапурски агенции за посредување. По налог на миноистерката за труд Росалина Балдоз, затворена е агенција која на својот сајт од неодамна се нарекла „лидер на пазарот“, а втората, под име „Буџетска агенција за послуга“’, немала договор со филипинските власти.
Филипинското Министерство за труд ги преиспитува лиценците и начинот на ангажирање овдешни работници на уште четири сингапурски агенции од оваа бранша.
Во Сингапур легално работат 160.000 филипински државјани. Меѓу нив има и голем број високообразовани експерти кои, според се поприсутните тврдења во Сингапур, ги заземаат подобро платените работни места на сингапурците.