(ФОТО) Владимир Јанчевски: Жално е што професионалците веднат глава за катастрофалните проекти

Од:

Владимир Јанчевски е најмладиот член на уметничката група „Кооперација“, своја самостојна изложба имаше минатата недела, насловена „Аномалии“ – Не-дисциплинарни (ест)етички конструкции / Политики и граници на интерпретацијата. Од 2011 година учествува во активностите на Центарот за визуелни студии-Скопје, којшто е дел од Европската мрежа за визуелна култура.

Како самостоен истражувач, работи во доменот на современата уметност, теоријата на уметноста и визуелните студии. Од 2005 година до сега огранизирал повеќе изложби, предавања и дискусии, уредувал публикации, учествувал на неколку научни конференции, автор е на триесетина текстови.

Вашите дела се создавани меѓу 2011 – 2014 и освен истражувањето на меѓуодносите помеѓу сликата и текстот, јасно се читливи пораките од она што претставува наше политичко секојдневие. Па неминовно е да Ве прашам за односот на уметничкото и политичкото, но во нашиов контекст. 

Уметничкото и политичкото во нашиот контекст, за жал, се сведува на целосно неразбирање на овој сложен и неизбежен сооднос. Често се случува да слушнете поплаки од односот на институциите, маргинализацијата на современата уметност и третманот на современите уметници во општеството, а истовремено да се чудите на степеност на несвесност и тоталното неразбирање на функционирањето на системот кој ги дефинира и спроведува истите недоследности и неправди. Или пак ќе се сретнете со недоследно, дури и апсурдно повикување на автономијата на уметноста и неволност да се проговори за тие проблеми низ медиумот за кој очекувате дека најдобро го владеат, токму во услови кога е загрозена и ограничена автономијата на уметникот. Многумина се повлекуваат и при спомнувањето на терминот политика, интернализирајќи го како иницијално негативен, што покажува колку овој збор е испоганет, и до кој степен оди незнаењето.

vladimirJancovski (6)

Поимот уметност е нестабилен и променлив, и кога се употребува најчесто тоа се прави сумарно, и или претесно или прешироко, не претпоставувајќи ги проблемите кои можат да произлезат од тоа, кога денес се обидуваме да дебатираме за опфатот на поимот. Политичкото е инхерентно на уметноста, особено кога станува збор за дефинирањето на поимот и начините со кои оперира и манипулира околу квалификацијата дали нешто е уметност. Ако под уметност, подразбираме категоризација според квалитет, таа „дискриминација“, тоа селектирање, секако подразбира политика.

Статусот на уметникот во претходните епохи бил различен, и тоа го одредувале различни фактори. Затоа уметноста никогаш не била автономна, иако почнувајќи од новиот век имал тенденција за нејзина целосна еманципација како посебен домен, но токму тоа и ја доведе до ќорсокак,а потоа и постојани обиди повторно да се вклучи во животот. Денес, е се појасно дека уметноста никогаш не била автономна област, целосно независна од социо-економските односи.

Во делата од изложбата „Аномалии“, тоа што на површина се гледа/чита како директна критика или коментар на нашето политичко секојдневие, е обид да се пристапи, но од поинаков, неочекуван, и прилично остар агол, позиција која за да стане поцелосно видлива, бара мало поместување и на точката на гледање. Употребата на препознатлива иконографија и текстуални предлошки кои се дестабилизирани преку едноставни интервенции се со цел да се покаже како, низ процепите на овие навидум востановени и стабилни матрици, многу лесно може да се вметнат елементи кои ги менуваат границите на интерпретацијата. Така се изместуваат и потенцијалните толкувачки позиции, се дефинира и интенцијата која ја пре-врамува содржината, а најчесто со тоа се отвора простор за изложување на вградениот потенцијал за активирање на контра-ефекти, односно потенцирање на потенцијалот на секоја структура да се самопоништи. Оттука, тематизирањето на доминантниот дискурс кој ја профилира нашата стварност, во обид истиот да се деконструира со неговите средства, се наметнува како логично.

vladimirJancovski (1)

Се занимавате со теорија на уметност и критика, па сепак решивте да се претставите и како уметник, зошто? 

Една од причините заради кои поактивно се вклучив на сцената и со изложување на она што го работев во моментот, но и претходно разработувани дела, беше и иницијалната отвореност на уметниците од Кооперација кои кон крајот на април 2012 година ме поканија да се приклучам на новооснованата Иницијатива. а и кулминација на отпорот кон пре-ноншалантното „уметникување“ и мојата вчудоневиденост од степенот на не-знаење за уметноста (и за поимот и еластичноста на дефиницијата, но и за историјата, а оттука и за улогата на уметникот во современото општество) присутно на сцената во претходниот период кога поактивно пишував осврти и кратки текстови, посебно кај уметниците од мојата генерација (а и повозрасни), и посебно нивниот прилично примитивен однос кон толкувањето и нивното очекување дека некој е должен да ги до-конципира и оправда сите нивни „изнутрици“. А од друга страна секако и начините на кои се толкува и му се додава (или одзема) вредност на презентираното дело/чин, што се случува(ше) на сцената, сведено на тргување или одмазди. Се разбира, уште од почеток сето тоа се надоврза на мојата лична потреба интересирањето за уметноста и нејзината улога/значење/стаус/дефинирање/(зло)употреба да го практикувам и (по)кажувам (и) на овој начин. Интересно е што овде и од најнеукиот и најнеталентиран „уметник“ човек е постојано принуден да се одбранува и да се оправдува својата не-дисциплина.

vladimirJancovski (2)

Во нашава средина многу често ќе слушнете ставови за тоа кој со што „смее“ да се занимава, без да се има капацитет да се процени приложеното. Тоа е резултат на паланечката, затворена, примитвна и пропишувачка култура на бариери, наследници на окаменети уметнички вредности и нивни чувари, кои немале никаков допир со прилично богатата, инспиративна и повеќе од било кога жива традиција на „уметниците способни за теорија“ (како што велеше Ханс Белтинг). Да не заборивиме дека една слика или чин би биле обична глупост без теориската рамка и промената на дискурсот кој го овозможува нивното прифаќање или оправдување во даден контекст. Проучувањето на историјата, на теоријата и обидите да се обмислува истата денес, имајќи ги предвид актуелните случувања, барем за мене, е неопходно да биде практикувана низ континуирано преиспитување и размисување, но од различни позиции и во различен медиум, без разлика дали станува збор за критички осврт, теориски текст, потемелно истражување на уметничкото творештво на некој историски период, или нешто што може да се класифицира како дело на современата уметност.

Како член на Кооперација но и некој што критички се занимава со уметноста, како ја оценувате позицијата на Кооперација во македонскиот уметнички контекст? 

vladimirJancovski (3)

Слободно можам да кажам дека појавата на Кооперација е најзначајното и најпозитивно нешто што се случило на ликовната сцена во Македонија во последната деценија, ако не и повеќе. Имав добро претчувство уште при самото приклучување, и без двоумење ја дадов првата „критика“ за идејата преку интервенција врз логото во делото насловено „Кооперација како опција“, изложено нешто подоцна на изложбата „Каде се сите?“ (Кооперација, Скопје, 16 март 2013). Кооперација е единствениот простор во кој уметниците организирано настапуваат и го контролираат целиот процес на конципирање, подготовка, реализација и презентација, а со тоа ја преземаат и целосната одговорност за сработеното, без заобиколкување, повлекување или оправдување, како што најчесто се случува во институциите.

Некои, водејќи се од претходните искуства, уште на самиот почеток од работата на Кооперација предвидуваа дека е неможно подолго да се одржи заедничкото функционирање, но еве веќе две ипол години, Кооперација како само-финансирана група на автори која се потпира на сопствените сили и средства и помошта на добронамерни граѓани, е континуирано присутна со голем број реализирани изложби, презентации, дебати и присуство забележано и надвор од границите на Македонија. Со оглед на интензитетот на активностите, а посебно поради темите кои ги третира и тенденциите кои ги афирмира и актуелизира, може слободно да се каже дека Кооперација денес е она што некогаш биле групите на уметниците, формативни за македонската модерна, како што се „Денес“ и „Мугри“.

vladimirJancovski (4)

Дека сме отворени за постојана дебата покажува и нашата спремност да ги одбраниме и вредностите на модерната кои не влијаеле директно на нашето формирање, но сега се загрозени и во опасност од заборав или уништување. Тоа покажува дека сме спремни критички да гледаме на работите, со фокусиано обмислување на позициите од кои настапуваме.

Во време кога прогресот е ставен на тест, концептот за авангардата се чини анахрон, а посебно во услови кога современата уметност е под удар заради нејзината критичка димензија, Кооперација ја гледам низ призмата на еден концепт кој се обидувам теориски да го елаборирам како „зад-гарда“ (базирајќи се на тезата на португалскиот социолог Боавентура де Соуса Сантош), позиција која не се заснова на спектакуларен фронтален судир со доминантните сили и вредностите на мнозинството и наместо гласно и дезориентирано делување и квази-револуционерна реторика, настапува приземно, стабилна и истрајно, полека но сигурно се движи гледајќи и напред и назад, обмислено ги гради своите позиции, и токму заради тоа е многу порадикална и посериозна на долг рок.

Многумина беа скептични, но полека ги согледуваат вредностите на Кооперација и уметниците кои се дел од неа, а сигурен сум дека во иднина тоа ќе стане уште појасно.

vladimirJancovski (7)

Како гледате на моменталната ситуација на македонската уметничка сцена? 

Уметничката сцена во Македонија е во незавидна ситуација, со постојани дисконтинуитети, кои се резултат на долгогодишни системски дефекти, како и во многу други сегменти од општеството. За разлика од другите земји во Европа и светот во кои постои некаков континуитет во развојот на уметноста, постабилно финансирање и развиен уметнички пазар, а во последно време се чувствува одредена криза, кај нас се случува обратното. Порано имаше многу малку пари во културата, а сега ги гледаме насекаде: уметноста и културата воопшто, станаа силен пропаганден инструмент. Пари има, но воглавно или речиси исклучиво се наменети за индоктринација на мнозинството кое може да обезбеди власт, наместо за поттикнување на професионалноста и со тоа овозможување на поширока меѓународна презентација и валоризација.

Ако се земе предвид дека во годишната програма на Министерството за култура се за ликовна дејност се предвидени само околу 160.000 евра, наспроти 50-60 милиони евра кои годишно се одвојуваат за проектот „Скопје 2014“ кој не само што не привршува, туку полека влегува во својата втора фаза, ќе стане јасно за каков програмиран дисбаланс станува збор. Во услови кога процентуално современата уметност е во голема мера субвенционирана од државата, а во апсолутни бројки во споредба со други дејности сведена на минимум како неважна, без учество на граѓанството како контратежа, не можеме да очекуваме никакво посетување од мртва точка. Напротив, состојбите може само да се влошуваат.

vladimirJancovski (8)

Во секоја земја се реализираат проекти кои се спорни, дискутабилни, проблематични, па дури и катастрофални, се водат долги и жестоки дебати, а неретко професионалци во областа на уметноста, хуманистиката и општетсвените науки веднат глава кога се зборува за нив. За жал, кај нас тоа стана доминантна слика. Ваквиот начин на пополнување на „празнини“ е целосно несоодветен и несообразан со времето во кое живееме. Најстрашно е што се развива тенденцијата за формирање на локални критериуми, мислењето на професионалците чија работа е респектирана и надвор од границите на Македонија станува неважно, а поддршката на знаењето и професионализмот е само декларативно. Важно е мислењето на масите, и сè се крои според просекот и подпросечноста во име на некаква демократија. Демократијата е сфатена најбуквално, а ова што се прави е несфатлива одмазда кон централизираниот елитизам негуван и граден во поранешната држава, која ќе треба да ја трпат и новите генерации што немаат никаква вина за тоа. Во изминатиов период постојано се потврдува дека претходно споменатата агенда на владеачките елити се спроведува бескомпромисно.

Но, тоа што го доживувам исто така трагично, е отсуството на посуштествена поддршка за современата уметност од граѓаните кои не се согласуваат со овој „проект“, а ниту пак опозицијата во општините кои се под нивна контрола, може да се пофали со нешто на тој план. Ме плаши фактот што инерцијата е многу присутна и се покажува дека лекцијата не е научена. Како да не мрднуваат од заспаните позиции од времето кога беа на владеачки позиции. Изгледа дека анти-популистичката страна на критичката уметност за која се застапува Кооперација како да е врел костен и за нив. Ако мислат дека на проектот „Скопје 2014“ ќе му се спротивстават со 2-3 пристојно уредени паркови и неколку фасади, тогаш не ја разбрале сериозноста на проблемот. Тезата дека е подобро ништо да не се прави, отколку вакви будалаштини, всушност и доведе до ситуација во која актуелната власт доби „чист терен“ за нивната измислена барокно-античка визија која упорно ја наметнува.

vladimirJancovski (9)

Жално е што многумина дури сега согледуваат дека е неопходно постојано критички да се осврнуваме и на некои аспекти на демократијата, кои можат да бидат злоупотребени. Доменот на уметноста и покрај сите обиди за нејзина маргинализација, нуди солидни можности за третирање на овие теми од поинаков агол. Таа има „аномалиски“ потенцијал кој може да ги направи нештата повидливи, па дури и да поттикне иницијативи за промена.

И покрај слабата или никаква институционална поддршка, постојат одредени иницијативи и поединци кои вложуваат огромен напор современата уметничка сцена да се одржи и да биде препознаена во регионот и пошироко. Кооперција, која е насочена кон истрајна и конструктивна критика на системските аномалии, без сомнение ја игра водечката улога во овој процес.

Александра Бубевска

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска