Хуснија Хамзиќ 68-годишен глувонем самоук сликар од Тетово денеска во Уметничката галерија Тетовски амам ја отвори својата прва самостојна изложба.
Постановката ја чинат вкупно 23 слики и претставува остварување на неговите очекувања.
– Оваа моја прва изложба ја очекував долго време. Почнав да сликам од седумгодишна возраст гледајќи ги децата од семејството што одеа на училиште. Започнав со водени бои па со мрсни и така. На училиште првпат се запишав во Средното училиште за глувонеми лица во Скопје, но постојано сликав во мојот дом. Најчесто сликам пејзажи, природа, цвеќиња, стари куќи, улици, а инспирацијата ја добивам од она што самиот ќе го видам или пак од фотографии што ќе ги видам на интернет и слично. Се надевам дека ќе имам уште самостојни изложби, посочи Хамзиќ пред присутните во уметничката галерија обраќајќи се на знаковниот јазик на глувонемите.
Дел од неговите дела тој им ги подарил на луѓе што ги виделе, а вели, сите заинтересирани може да дојдат и да ги разгледаат во неговиот дом.
Хамзиќ подари и благодарници на луѓето и институциите што му помогнаа да ја организира неговата прва самостојна изложба слики.