Поетскиот карван на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) продолжува во Охрид. На 13 јули, пред манастирот Св.Ѓорѓија во стариот дел на Охрид, ќе настапат поетите Видое Видически, Ленче Милошевска, Горан Анчевски, Љерка Тот Наумова, Мирче Нешовски и Мирјана Тренчева.
Во карванот на ДПМ, до крајот на годината, ќе учествуваат шеесет поети во рамките на проектот „Почувствувај ја Македонија“, со цел афирмација и доближување на литературното творештво до читателите.
Карванот почна на 22 јуни во Дебар, а сега, преку Охрид, ќе продолжи низ повеќе градови од земјата, меѓу кои, Велес, Прлеп, Куманово, Гостивар, Битола, Неготино, Струмица, Виница и Штип. Средбите со љубителите на пишаниот збор, се одржуваат на неконвенционален начин, на отворен простор, и се во функција на запознавање со природните убавини, историските знаменитости и духовните светилишта на Македонија.