Вечерва, со почеток во 20,30 часот во Мобилна галерија во паркот на Франкофонијата ќе биде отворена изложбата на групата уметници „ЅЕЕ“.
Во реализацијата на проектот учествуваат десетмина од дванаесетмината членови на групата „ЅЕЕ“: Марија Бошковска, Дарко Вучиќ, Димче Димески, Моника Димческа, Саша Дичковски, Љупчо Иљовски, Дарко Комненовиќ, Доротеј Нешовски, Мирослав Талевски и Перо Танчев.
„ЅЕЕ” своето внимание го насочи во „site specific“ пристап, заложувајќи се за воспоставување на линија од активности околу: Проблемите на ефемерноста, како прашања и размислувања кои се во интерес на уметноста; некомерцијалното и непостојаното како стимулација на безпродуктноста; намерата да се подигрува со економските мотиви на вреднување на уметничкиот продукт; беспредметноста, наспроти идејата да се приграбува и поседува, повеќе од потребното; сознанието и почитта кон законите на термодинамика во кои затворениот систем тежнее да се движи, од ред во неред, активност која се повторува низ чинот на пресоздавање.
УМ/А-1 е компромис од повеќе индивидуални погледи, кои ја допираат уметноста, умот, материјата и визуелноста. Тој е код кој обединува размислувања оставајќи простор за проширувања на темата, додавајќи број како можност за продолжение на истото. Идејата е проектот да воспостави поинакви активности во друго време, но на истата локација. Со ова „ЅЕЕ” продолжува да ги гради и именува своите проекти како кодификати, воспоставувајќи релација на одвоеност и дистинкција во изведбата и презентација.
Предизвикот, да се освои ограничениот простор на Мобилната/Монтажна галерија преку реартикулирање на документацијата и обид за симулација не само на сега „отсутниот“ амбиент, туку и на просторните односи воспоставени на „оригиналната“ локација и поставеноста на интервенциите. Истовремено идејата е да се креира можност за поактивно вклучување на посетителите во процесот на набљудување на индивидуалните дела преку дефинирани позиции во изложбениот простор, отворајќи прашања за соодносот, меѓузависноста и точките на преклопување на индивидуалното и колективното.