Изјавата на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, дека Шкотска автоматски не би го задржала членството во Европската унија доколку прогласи независност, предизвика бурни реакции во Велика Британија, пишува бриселскиот портал „ЕуроАктив“.
Баросо во текот на посетата на Италија, во разговорите со локалните политичари рече дека за членството на Шкотска во ЕУ, во случај на отцепување од Велика Британија, би морало да се разговара во рамки на меѓународниот правен поредок. Оваа изјава предизвика остри реакции кај двете страни на дебатата која се води во Британија околу идниот статус на Шкотска, пренесе „ЕуроАктив“.
Владејачката Шкотска национална партија, која се залага за независност на овој дел од островот, сака да распише референдум на кој граѓаните би се изјасниле за ова прашање, а анкетите покажуваат дека резултатот би бил многу тесен. Шкотските лабуристи, кои сакаат Шкотска да остане дел од Британија, ја поздравија изјавата на Баросо во надеж дека таа би можела да ја смени рамнотежата во нивна корист.
– Шкотска не би можела автоматски да ги наследи правата на Велика Британија и за тоа би морала да води детални преговори со многу институции – рече Кетрин Стилер, пратеничка на лабуристите во Европскиот парламент. Од друга страна, првиот министер на Шкотска, Алекс Салмонд порача дека без оглед на мислењето на Баросо, Шкотска ќе остане полноправна членка на ЕУ.