Освен во деновите вторник, петок и сабота, од утре сите повозрасни граѓани со навршени 62 години за жени и 64 години за мажи ќе имаат можност бесплатно да се возат во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и во недела.
Повозрасните граѓани досега имаа можност бесплатно да се возат во автобусите на ЈСП во вторник, петок и во сабота, а Градот Скопје сега им овозможува да користат бесплатен автобуски превоз и во недела.
Градот Скопје смета дека оваа можност ќе им биде од корист на повозрасните граѓани, а ќе се намали и метежот што се создава во автобусите на ЈСП во текот на работните денови.
Одлуката за воведување бесплатен автобуски превоз за повозрасните граѓани во недела ја донесе Советот на Град Скопје на дваесеттата седницата одржана на 19.02.2014 година (Одлука за давање согласност на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на цените за превоз на патници со автобусите во градскиот и меѓуопштинскиот (приграскиот) сообраќај во Град Скопје), но одлуката беше со одложена примена поради целосното завршување на претседателските и парламентарните избори.
Бесплатниот превоз во автобусите на ЈСП се остварува со покажување лична карта.