Во Изложбаниот салон на Амбасадата на Република Македонија во Виена е отворена изложба на сликарката Наташа Милованчев, со наслов „Бивајќи атмосфера – предели“. Со поддршка од Министерството за култура и од Амбасадата на РМ, изложбата беше отворена вчеравечер и ќе трае до 19 јули.
На изложбата се претставени слики и колажи кои Милованчев, професор на Архитектонскиот факултет на Скопскиот универзитет, ги изработила од 2007 до 2013 година. За изложбата е подготвен и каталог со осврт кон делата наречен „Просторини етиди“ од историчарката на уметност Конча Пиркоска.
– Бројната публика што присуствуваше на отворањето топло ги прифати „стилските и временски амалгамираните преоди од апстрактнен експресионизам во геометриска апстракција во делата на Милованчев, како и „пределите, кои стилски и бинарно се артикулираат и синхронизирано се манифестираат интерно-екстерно“. Милованчев досега излагала на сопствени и групни изложби во Македонија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Франција, Германија, Холандија и Шпанија, а ова е прво нејзино претставување пред виенската публика, соопшти Амбасадата на РМ во Виена.
Настанот го отвори и за авторката и нејзиното творештво говореше амбасадорот на РМ во Австрија Ѓорѓи Филипов, кому особено му оставиле впечаток „компарациите и совпаѓањата на музичките и сликарските тонови, изразени во графизмите, дизајнот и колоритот“ на сликите и колажите.