Проектот за изградба на гасоводот „Јужен поток“ не е откажан, туку е привремено стопиран се додека не одговори на законските барања на Европската унија, изјави синоќа на прес-конференција во Брисел еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер.
Во врска со изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за проектот, Етингер изјави дека „тој е дел од играта“.
– Неколку години веќе имаме редовни контакти со нашите руски партнери во врска со „Јужен поток“, најнапред во проектната фаза во 2010 година. Можеби тоа што министерот го вели е дека енергетиката е дел од политичката игра, а не само прашање во сферата на инфраструктурата и не само економско прашање, додаде Етингер.