Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, вечер ќе биде отворена изложба на словенечкиот уметник Роман Уранјек, со наслов „At Least One Cross A Day After 1.1.2002“.
Роман Уранјек е реномиран уметник кој живее и работи во Словенија, еден од основачите на светски познатиот уметнички колектив Irwin, дел од култната групација Neue Slowenische Kunst (NSK).
На 1 јануари 2002 година (денот кога е воведено еврото во Европската унија), тој го изработил првиот крст интервенирајќи врз новата европската валута, го почнал проектот „At Least One Cross A Day After 1.1.2002“ и секојдневно изработува дело употребувајќи го крстот.
Создадените дела се конципирани во книги (Artists Book) и неколку тематски целини. Покрај оригиналните книги, ќе бидат претставени и принтови од графичката мапа изработена за оваа изложба.
Раритет на изложбата се три 3 принта, документарна фотографија на исцртани крстови во јавен простор од Роман Уранјек од неговата посета на Скопје во 2007 година.
Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски. Изложбата ќе ја отворат Маја Неделкоска-Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија, и Бранко Раковец, амбасадор на Словенија во Македонија.