На вчерашното отворање на изложбата во Мобилната/Монтажна Галерија на Центарот за современи уметности, жири комисијата во состав: Елена Велјановска, Мира Гакина, Филип Јовановски и Луми Тан (USA) ја доделија годишната наградата „Денес 2014”, годишна награда за млад ликовен уметник на Иван Ивановски.
Делото со кое што се претстави уметникот е насловено „Леб и игри“ (2014), слика во комбинирана техника: цртеж, дигитално боење, принт на платно, рачно боење, 160 x 80cm
„Што е всушност Леб и Игри? Дали е тоа еден град во кој сите се заглавени во бескрајно повторување на дневните рутини или е можеби мравјалник во кој луѓето се предодредени да бидат дел од систем или еден организам, каде нема никакво место за индивидуалност или слобода? Или е машина што функционира како подмачкана во која луѓето делат иста судбина со еден запчаник? Можеби е пресек на дигестивниот систем на едно митско суштество кое Хобс го нарекува Левијатан, кој го екстрахира секој сок живот.
Една дистописка средина, каде може да се проектираат разни фантазии и желби, разни пориви и нагони.
Во завоите на самиот мисловен процес се надоврзува и една суптилна и латентна но во себе експлозивна конотација – фразата „леб и игри“ (латински: panem et circenses, или буквално „леб и циркуз), која е популарна метафора за методите преку кои власта обезбедува поддршка од граѓаните така што привидно ги задоволува нивните краткорочни интереси и неважни потреби на т.е. да би свртела внимание од многу позначајните проблеми.
Ма, Дајте Леб и Игри па ќе бидат задоволни, а ако нема леб, дајте колачиња!“, пишува уметникот Ивановски во објаснувањето на своето дело.
Наградата „Денес“ ќе му донесе на добитникот неколкунеделен престој во Њујорк.