Чешката Влада соопшти дека го одобрила Договорот за инвестиција со корејскиот производител за гуми „Нексен”, кој е вреден 850 милиони евра и на почетокот ќе обезбеди најмалку 1.000 работни места, јави дописникот на МИА од Прага.
Според изјавата на премиерот Бохуслав Соботка, во иднина „Нексен” планира да инвестира до 1,4 милијарди евра и претставува една од најголемите странски инвестиции во земјата.
– Одлуката на Владата, која го одобри договорот за инвестиции со компанијата „Нексен” е јасен сигнал дека нашата земја има силен интерес за нови инвеститори и е привлечна за нови инвеститори, изјави Соботка, кој додаде дека Чешка ја добила инвестицијата во силна меѓународна конкуренција.
Производството на гуми е планирано да започне за две години, а во иднина се најавуваат до 2.300 нови работни места.