Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Виз Ер“ се откажа од планот да бара дополнителни средства за засилување на позицијата на своите акции и за зголемување развојните фондови.
Намерата на компанијата беше да побара средства на Лондонската берза, но се повлече од таквата идеја поради нестабилниот пазар и намалената вредност на акциите во авионскиот сектор.
Претставник на „Виз Ер“ изјави дека и покрај тоа, прогнозоте и изгледите за бизнисот на компанијата „и натаму остануваат позитивни“.
Освен унгарската компанија, проблеми со акциите и со општата клима во авиобизнисот имаат и другите поголеми нискобуџетни компании, како „Рајан Ер“, „Изи-Џет“ и норвешката „Ер Шатл“.
Во изминатите две недели, од почетокот на месецот, сите тие имаат тешкотии со одржување на вредноста на нивните акции. Нивната вредност, во овој период е намалена за девет отсто кај „Изи Џет“ и за пет отсто кај ирската „Рајан Ер“.
Индексот на акции ФТСЕ Мид-250 на Лондонската берза, исто така бележи пад во изминатите две недели.
Слична ситуација имаат и големите компании, како германската „Луфтханза“, која регистрираше пад на вредноста на своите акции од 14 отсто, како последица на информациите за намалениот профит.