Центарот за современи уметности, во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк оваа година по десети пат ја реализира Годишната награда за најдобар млад ликовен уметник во Република Македонија до 35 години. Наградата е насловена „Денес“ по еминентната македонска ликовна група од шеесеттите gодини.
– Наградата овозможува прикажување на креативноста на младите уметници и создава нови можности за понатамошен професионален развој на добитниците на наградата и на финалистите, велат од Центарот за современи уметности.
Право на аплицирање за учество на конкурсот имаа сите уметници на возраст до 35 години коишто оствариле самостојна изложба во 2013 година во Македонија. По доставувањето на апликациите на уметниците, жири комисијата како финалисти кои рамноправно ќе учествуваат на годинешнава изложба ги селектираше следните уметници:
Ефемерики (Драгана Заревска и Јасна Димитровска), Дарко Алексовски, Горан Менков и Иван Ивановски.
Изложбата на нивни дела ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Мобилна/Монтажна Галеријата на Центарот за современи уметности.
Пред отворањето на изложбата жири комисијата ќе ги разгледа поставените дела на уметниците и ќе одлучи кој од номинираните учесници ќе ја добие наградата ДЕНЕС 2014. Како член на годинешното жири ќе биде и Ms. Lumi Tan, куратор од Њујорк, САД.
Гостин на овогодинешната изложба ќе биде Ериола Пира, програмски директор на Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк
Почнувајќи од 2003 година Центарот ја организира изложбата на финалните кандидати од кои на еден автор му се доделува наградата која се состои од стипендија која ги покрива трошоците за пат и шест неделен престој во Меѓународната куќа, асоцирана со Универзитетот во Колумбија, Њујорк. Стипендијата во целост ја покрива Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк.
Досегашни добитници на оваа престижна награда во Р. Македонија се: Славица Јанешлиева (2003), Група ОПА (2004), Далибор Тренчевски (2005), Атанас Ботев (2006), Борис Петровски (2007), Ана Ивановска (2008), Ѓорѓе Јовановиќ (2009), Кристина Божурска (2010) и Илија Прокопиев (2011), Велимир Жерновски (2012), Филип Јовановски (2013)
Изложбата е финасиски поддржана од Град Скопје и Министерство за култура на Р.Македонија.
А.Б.