Доколку човештвото не преземе драстични мерки, глобалната температура ќе се зголеми за четири степени до крајот на овој век, што неминовно ќе донесе промени во стилот на животот на луѓето, но и нивното иселување од регионите во кои моментално живеат.
Експертот за климатски промени Никола Стерн предупредува дека, според податоците со кои денес се располага, светот „трча“ во пропаст доколку не се преземат итни мерки кои би го спречиле портастот на температурите од предвидените четири степени, пренесе францускиот магазин Слат. Стерн објаснува дека во последниве 10 милиони години не е забележан толку голем пораст на температурите на Земјата, а дека човечкиот род никогаш не живеел во свет потопол за четири степени.
Во последниве 8.000 години просечната температура е речиси константна со осцилација меѓу 1 и 1.5 степени. Таквата климатска стабилност овозможи занимавање со земјоделство на исти површини и населување на население по селата и градовите. На основа на повеќе научни студии, Стерн направил слика на светот во услови на просечни температури поголеми за четири степени. Јужна Европа би била претворена во Сахара, а афиканската пустина би се проширила кон југ со погубни последици за некои земји меѓу кои е Нигерија. Снегот би исчезнал од венецот Хималаи, што би довело до промени на коритата и правецот на водените токови од кои зависат две милијарди луѓе. Ниту американскиот континент не би бил поштеден. Топењето на снегот од планините би погодил бројни жители.
Вакво сценарио би можело да се случи до крајот на овој век, тврди Стерн.