Дури 53.197 граѓани се избришани од евиденцијата на невработени во Агенцијата за вработување. Ова е начинот на Никола Груевски да ја намали бројката на невработеност во Македонија, велат од СДСМ во соопштение до јавноста.
– Дека Груевски брише и лаже, покажува и најновиот Извештај на Државниот завод за статистика, којшто објавува различни податоци од тие на Агенцијата за вработување. Во Извештајот на Државниот завод за статистика, се анализира активното население во Македонија и податоците покажуваат дека стапката на невработеност изнесува 28,4 %, а бројот на невработени лица во првото тромесечие на 2014 година изнесува 272.115 лица. Агенцијата за вработување на својата веб страница прикажува значително помала бројка на невработени лица, односно 218.115, од кои 115.668 се активни баратели на работа, а останатите 103.250 се пасивни баратели на работа – велат од СДСМ.
Тоа, според нив значи дека дури 53.197 невработени граѓани не се дел од евиденцијата во Агенцијата за вработување.
– Две државни институции за ист период, излегуваат со две различни бројки, за најзначајниот економски показател. Кого власта го брише од евиденцијата на Агенцијата за вработување? Дали ова значи дека граѓаните откако се избришани, го изгубиле и правото една година да бидат впишани во евиденцијата на невработени? И покрај смешните и неумесни обиди на власта, да ја убеди јавноста дека невработеноста се намалува, на Груевски тоа не му успева. Македонија и натаму е меѓу земјите со најголема стапка на невработеност во Европа и тоа е главната причина за се помасовното иселување на младите од државата- потенцираат од СДСМ.